Собраниската комисија за финансирање и буџет, како матична комисија, денеска ја почнува расправата по ребалансот на Буџетот.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи….
Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти што е намалување за 1,4 процентни поени во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот, а стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 проценти од БДП што е за 9,1 процент повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг, како што беше посочено на презентацијата на ребалансот, ќе се финансираат преку задолжување од меѓународниот и домашниот пазар.
Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни.
Сојузот на синдикати на Македонија најави амандман со кој бара во ребалансот на Буџетот да бидат обезбедени пари за зголемување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ.
На среден рок, и покрај присутните ризици и неизвесноста, како што посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на презентацијата на ребалансот, фискалната политика ќе продолжи кон натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции.