Европската Унија се соочува со криза на цените на енергијата, придружена со проблеми во снабдувањето, поради влијанието на војната со Иран врз светските пазари на нафта и гас. Еврокомесарот за енергија Дан Јергенсен ги повика земјите членки да ги засилат подготовките за претстојната зима и да разгледаат мерки за намалување на потрошувачката.
Предупредувањето е содржано во писмо што Јергенсен го испратил до министрите за енергија на земјите членки, во кое увид имал „Ројтерс“.
„Се соочуваме со криза на цените што е поврзана со криза во снабдувањето“, наведе Јергенсен.
Тој оцени дека Европската Унија сега е подобро подготвена отколку во зимата 2021 година, кога Русија ги намали испораките на природен гас за Европа. Сепак, според него, националните влади мора дополнително да ги зајакнат подготовките за следната зима.
Еврокомесарот побара од земјите членки да разгледаат воведување нови или продолжување на постојните мерки за зачувување на резервите и намалување на побарувачката за енергија.
„Ве повикувам да размислите за воведување или продолжување на спроведувањето мерки што можат да го одржат полнењето на складиштата за гас или да ја намалат побарувачката за гас и електрична енергија, онолку долго колку што е потребно“, рече Јергенсен.
