Напредокот на Србија кон членство во Европската Унија ќе зависи од реформите во владеењето на правото, почитувањето на демократските стандарди и вистинската посветеност на европските вредности, порача Европскиот парламент во објава на социјалната мрежа Икс.
„Напредокот кон членството во ЕУ е можен само преку реформи во владеењето на правото и зајакнување на демократските стандарди“, се наведува во објавата на Европскиот парламент.
Од европската институција посочија и дека Србија треба да ги нормализира односите со Косово. Истовремено беше оценето дека одржувањето слободни и фер избори е неопходно за надминување на актуелната политичка криза во земјата.
Во графиката објавена заедно со пораката се потсетува дека Србија е официјален кандидат за членство во Европската Унија од 2012 година. Земјата има околу 6,6 милиони жители, а бруто домашниот производ по жител изнесува 13.526 евра.
