Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ги демантира и отфрла тврдењата на опозициската СДСМ дека постоел обид за забрана на медиумско емитување на прес-конференцијата на Венко Филипче за време на изборниот молк. Ваквите наводи регулаторот ги оцени како целосно неосновани и претставуваат обид редовното законско постапување неоправдано да се прикаже како цензура.

Од институцијата детално потсетуваат на законските норми што строго ги дефинираат изборните правила и медиумското известување.

„Изборниот законик јасно ги утврдува ограничувањата што важат за време на изборниот молк, меѓу кои и забраната за емитување изјави од претставници на политички партии (член 76-б став 3 од Изборниот законик). Законите важат подеднакво за сите и сите, без исклучок, се должни да ги почитуваат законските обврски. Документот што Венко Филипче го нарекува „некакво писмо“ е официјален допис – „Потсетување за изборниот молк за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница“. Агенцијата го достави по електронска пошта до националните медиуми и до медиумите чија програма може да се следи на територијата на Општина Брвеница, со јасна цел: да ги потсети на правилата и обврските утврдени со Изборниот законик. Овој допис не претставува ниту забрана, ниту цензура, ниту обид за ограничување на правото на информирање. Претставува исполнување на законските надлежности на Агенцијата, кои не можат да се изедначуваат со цензура само затоа што некому политички не му одговараат“, соопштија од АВМУ.

Официјалното потсетување за почитување на изборниот молк за првиот изборен круг било уредно доставено на 15 октомври 2026 година по 13 часот, додека дописот за вториот круг бил испратен на 29 октомври во 15 часот и 17 минути.

Двата документи се јавно достапни на интернет-страницата на регулаторното тело, што според нив јасно потврдува дека се работи за воспоставена институционална практика насочена кон превенција и заштита на изборниот интегритет.

„Крајно неодговорно и неприфатливо е политичка партија и тоа најголемата опозициска партија, да организира прес-конференција за време на изборен молк. Со ваквото постапување, медиумите се доведуваат во ситуација да се соочат со дилема дали да го прекршaт Изборниот законик. Ниту една политичка партија не смее да очекува дека нејзините политички интереси ќе бидат над законските правила. Агенцијата цврсто се залага за слободата на медиумите и слободата на изразување, но тие не смеат да бидат оправдување за игнорирање на законските обврски, ниту законското постапување на регулаторот да се прикажува како цензура за дневнополитички цели. Агенцијата ќе продолжи да постапува независно и професионално, исклучиво во рамките на своите законски надлежности, без селективност, исклучоци и подлегнување на политички притисоци и манипулации“, порачаа од регулаторното тело.