Рехабилитацијата на повредените ќе биде долг и комплексен процес

Министерот за здравство, Арбен Таравари, нагласи дека процесот на рехабилитација на повредените млади лица во катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани, ќе биде долг, сложен и многу тежок. Во вчерашното интервју за ТВ21, тој истакна дека ќе бидат вложени максимални напори со цел последиците за повредените да бидат сведени на најнизок можен степен.

„Нивната рехабилитација нема да трае само неколку недели. Кај некои можеби ќе биде неколку недели, но генерално ќе трае со месеци. Верувам дека ќе го дадеме максимумот од себе, но ова ќе биде долг и комплексен процес во кој е неопходно да бидеме смирени и да донесуваме вистински одлуки, особено затоа што зборуваме за млади луѓе. Повеќето од повредените се на возраст од 15, 16, 20, 22, 23 до 25 години, на кои надворешниот изглед им е многу важен. Министерството за здравство и Владата ќе направат се што е возможно за последиците да бидат минимални, барем кај оние кои го преживеаја ова и ќе се вратат во земјата за да можат да продолжат со нормален живот“, рече Таравари во интервјуто за ТВ21.

Странските експерти позитивно го оценија управувањето со состојбата во болниците

Министерот за здравство додаде дека повеќе странски лекари и експерти за изгореници, кои моментално престојуваат во Македонија, дале позитивни оценки за начинот на кој македонските болници ја менаџирале состојбата со повредените.

Таравари напомена дека овие странски специјалисти веќе неколку дена вршат тријажа на повредените и одлучуваат кои од пациентите треба да бидат испратени на лекување во странство, а кои ќе продолжат да се лекуваат во домашните болници.

Најтешките случаи испратени на лекување во соседните држави

Министерот потврди дека понудите за лекување на повредените пациенти доаѓаат од соседните држави, и дека најтешките случаи веќе се пренесени на лекување надвор од Македонија.

„Понудите за лекување на повредените дојдоа главно од соседните држави, како што е нормално. Веќе пренесовме пациенти на лекување во Грција, некои во Софија и неколку пациенти во Србија. Потоа ни се ослободија места во болниците и затоа ги пренесовме пациентите од Кочани во Штип, а веќе наредниот ден, во понеделникот, испративме околу 37 пациенти на лекување во странство. Сите тие беа од групата на најтешко повредените лица. Првите пациенти заминаа во Солун, потоа во Софија и Белград“, истакна министерот Арбен Таравари.

Разрешен директорот на болницата во Куманово поради констатирани неправилности од ДЗСИ

Таравари во интервјуто дополнително ја коментираше и ситуацијата поврзана со смртта на 32-годишниот Ведат Адеми, кој почина во кумановската болница. Министерот потенцираше дека директорот на болницата во Куманово е разрешен откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) пронашол голем број неправилности.

„Постојат одредени неправилности кои беа откриени и констатирани од ДЗСИ, а за кои директорот морал да води сметка за да не дојде до вакви трагични настани. Дополнително ќе испитаме дали постои и лекарска грешка во конкретниот случај“, заклучи министерот Арбен Таравари во својата изјава за ТВ21.

Министерството за здравство и Владата се целосно посветени на обезбедување максимални услови за рехабилитацијата на повредените млади лица во трагедијата во дискотеката во Кочани, потенцираше Таравари во својата последна изјава.