Целосно електричните автомобили во 2025 година достигнале рекордно учество од 17,3 отсто во вкупниот број новорегистрирани патнички возила во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат. Тоа значи дека повеќе од секој шести нов автомобил регистриран во Унијата бил со целосно електричен погон.

За споредба, во 2015 година електричните автомобили сочинувале само 0,4 отсто од новите регистрации.

Најголем удел во 2025 година имале хибридните возила, со 42,4 отсто. Бензинските автомобили учествувале со 27,3 отсто, додека дизел-возилата сочинувале 9,8 отсто од новите регистрации.

Данска била лидер меѓу земјите членки на ЕУ, со 67,8 отсто електрични автомобили во вкупниот број новорегистрирани возила. По неа следуваат Холандија со 40,2 отсто и Малта со 37,6 отсто.

Германија забележала удел од 19,1 отсто, што е над просекот на Европската Унија. Во земјата биле регистрирани околу 545.100 нови електрични автомобили, односно 28,9 отсто од вкупно 1,89 милиони електрични возила регистрирани во ЕУ.

Франција била на второто место според бројот на нови електрични автомобили. Во земјата биле регистрирани околу 330.900 вакви возила, што претставува 17,5 отсто од вкупниот број во Унијата.

Најмал удел на целосно електрични автомобили во новите регистрации имала Хрватска, со 1,9 отсто. Следуваат Словачка со 4,7 отсто и Бугарија со 4,9 отсто.

Растот на електромобилноста се поврзува со повеќе фактори, меѓу кои развојот на инфраструктурата за полнење, поголемата понуда на поевтини модели и националните мерки за поддршка.

На европско ниво, најголем удел на електрични автомобили има Норвешка, која не е членка на ЕУ. Во 2025 година повеќе од 95 отсто од новорегистрираните патнички автомобили во земјата биле целосно електрични.