Реките Вардар, Треска и Пчиња со значително зголемени водости
Водостоите на речните текови во земјава денеска се значително повисоки од вообичаеното за месец ноември, покажуваат последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Единствено кај реката Брегалница во Берово водостојот е понизок од просекот – измерени се 12 сантиметри, наспроти вообичаените 22.
Кај другите реки се забележуваат големи зголемувања. Вардар кај Јегуновце и кај Велес има двојно повисоки вредности од просекот. Кај Треска во Македонски Брод водостојот е осум пати поголем од ноемврискиот просек, достигнувајќи 108 сантиметри.
Пчиња кај Катлановска Бања бележи трикратно зголемување – од 40 на 124 сантиметри, исто како и Бабуна во Богомила (од 14 на 42) и Црна Река во Новаци, каде водостојот се искачил од 65 на 246 сантиметри.
Рекордно висок водостој кај Сатеска
Најголемото отстапување е регистрирано кај Сатеска во Ботун, каде водостојот е дванаесет пати над ноемврискиот просек, односно пораснал од 5 на 64 сантиметри.
Кај природните езера има минимални зголемувања споредено со вчерашните мерења, но без поголеми отстапувања од просекот за ноември. Температурата на Охридското Езеро утрово изнесува 13,5 степени, на Преспанското 10,5, а на Дојранското 13, сите во рамките на сезонскиот просек.
