Измените на Законот за помилување дојдоа од правните недоумици и турбуленциите и настојувањето на претседателот Стево Пендаровски да ја пропише постапката, во која ќе се изземе од дискреционо одлучување за тоа кого ќе помилува и за кого ќе издаде амнестија. Новото законско решение ги носи тие можности за исклучување на можноста за аболиција за луѓе кои се во судска или правосилна постапка. Тоа е прилично добро решение ако се има во предвид дека во минатото, ова право било критикувано за својата употреба – вели професорката и поранешна министерка Фросина Ременски во емисијата „Студио 10“.
Во врска со предвидената амнестија, професорката вели дека е дискутабилно бидејќи се дебатира и оспорува од политички аспект. Таа прашува чија волја е ова – дали на сите партии или само на владеачката партија.
Сум била дел од парламентарен состав кој што гласал закони за амнестија. Ниту една амнестија не може да биде праведна во целост или во целост да биде дискриминирачка. Секогаш таа линија меѓу помилувањето и милоста на државата кон одредени лица и немилоста кон друга е дискутабилна од аспект на либералните теории за човекови права и слободи. Недоволно е премерен моментот кога се предлага и ќе се гласа законот. Малку време се потроши од функционерите за да биде аргументирана целта за барањето на овие измени. Амнестија немало еднаш и нема ни да има. Политичарите мораат да им објаснат на граѓаите зошто ова се прави – оценува Ременски.
Според неа, амнестијата во ваков момент со недоволно јасни ставови кого се помилува, нема да донесе очекувани резултати, бидејќи во рамки на законот се исклучени осудените за настаните од „27 април“ и се заговара амандманска интервенција за двајцата осуденици за процесот „Монструм“.