Нови мерки за спречување на непрописно паркирање во Солун
Со цел спречување на непрописно паркирање во Солун, од денеска општината воведува блокатори на тркала за автомобили паркирани недозволено. Ова важи за места наменети за постојани жители, рампи за лица со попреченост и простори за товарење и истовар, јави дописничката на МИА од Атина.
Општинската полиција ќе ги поставува блокаторите. Од општината појаснија дека мерката е неопходна „за да се стави крај на феноменот кој особено се шири во туристичката сезона“. Тие истакнаа дека во центарот на градот паркираат стотици возила со странски регистарски таблички. Дополнително, пријавени се случаи кога возачи ги вадат регистарските таблички за да избегнат казни.
Како функционира системот за блокатори и што треба да сторат возачите
Возачите чиј автомобил е блокиран мора да се јават во Дирекцијата на општинската полиција на телефон +302313 317930 и да ја платат казната за да го ослободат возилото, соопштија од општината.
Заменик-градоначалникот задолжен за општинската полиција Костас Циапакидис изјави за АНА-МПА дека по исцрпувањето на сите други мерки за спроведување на Законот за безбедност на патиштата и спречување на непрописно паркирање, одлучиле да воведат систем со блокатори.
„Досега, во многу случаи, главно странски прекршители ја игнорираа казната и ја напуштија земјата бидејќи прекршокот не беше забележан. Сега тоа не е можно, бидејќи само општинската полиција може да ги отстрани блокаторите откако ќе се плати казната. Исто така, имаше случаи кога автомобилите остануваа неправилно паркирани 3, 4, па дури и 15 дена“, изјави заменик-градоначалникот.
Мерката ќе се спроведува најмалку до крајот на септември.