Владата има 19 дена да најде решение како ќе ги стопли жителите на Скопје, откако БЕГ кажа дека нема намера да го снабдува градот со топлинска енергија. Со оглед дека темепратурите паѓаат, парно греење можеби ќе треба да има уште од 1 октомври односно за четири денови. Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека прашањето уште не е решено и се бара решение. Се разговара со фирмата „Адора“ која ги има топланите во нејзина сопственост и не сака да ги даде под кирија, туку да ги продаде бидејќи ѝ создавале загуби.
„Во Скопје, има два дела. Знаете дека БЕГ одби да го затоплува Скопје, Градот одби да се занимава со таа комунална услуга и затоа државата мораше да донесе одлуки кои ќе значат преземање на затоплувањето на градот од друг оператор. Тоа е ЕСМ. ЕСМ има лиценца за управување. Топланите се во приватна сопственост, се разговара, ќе има решение“, кажа Ковачевски.
Тој посочува дека се работи и на тоа да нема поскапување на услугите за парно греење.
„Јас оваа година кога станав премиер, во јануари немаше парно греење. И првиот работен ден ми беше да се обезбеди затоплување на Градот Скопје. Сега работиме на снабдување на топлинска енергија на Градот Скопје. И тоа по цени, соодветни за граѓаните. Државата ги субвенционира цените на парното греење. Сите можеа да се уверат по сметките кои беа сторнирани. Цената на гасот е 10 пати зголемена од почетокот на годината. Тоа што ни е обврска, тоа го правиме. Разговарам за снабдување со енергенси“, додава Ковачевски.