Министерот за одбрана Владо Мисајловски вечерва присуствувал на прием во Брдо кај Крањ, Словенија, организиран во рамки на состанокот на министрите за одбрана од Централноевропската одбранбена соработка – CEDC.

Домаќин на приемот бил словенечкиот министер за одбрана Валентин Хајдињак, соопшти Мисајловски во објава на социјалните мрежи.

„Глобалните предизвици бараат јасна и практична одбранбена соработка. Зацврстувањето на одбранбените односи со земјите од Централна Европа е уште еден силен импулс за јакнење на регионалната безбедност, стабилност и сигурност“, напиша министерот.

Мисајловски порача дека Македонија останува посветена на конкретни чекори и силна соработка за создавање посигурен и постабилен регион.