Прва хируршка интервенција реализирана за ретка конгенитална деформација во државата

За првпат во Македонија е изведена сложена ортопедска операција кај дете со ретка конгенитална деформација. Операцијата е спроведена кај четиригодишно дете со Спренгелов деформитет на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ. Зафатот е реализиран во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција и претставува прв ваков зафат во земјата.

Операцијата се оценува како значаен чекор во јакнењето на капацитетите на домашниот здравствен систем, особено во делот на третман на ретки и сложени ортопедски состојби кај деца. Зафатот е реализиран преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники, со цел ваквите интервенции да станат достапни и во рамки на државата.

Мултидисциплинарен пристап и развој на клиничката пракса

Во изведбата на хируршката интервенција учествувале повеќе медицински служби, со целосна координација меѓу ортопедскиот тим, анестезијата, интензивната нега и ургентната поддршка. Според раководството на клиниката, безбедноста и квалитетот на постапката биле поставени како врвен приоритет во текот на целиот процес.

„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови“, вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.

Со оваа интервенција, како што е наведено, се отвора можност за понатамошен развој на домашните медицински тимови и постепено воведување на вакви сложени процедури како дел од редовната клиничка пракса.

Поддршка од Министерството и појаснување за состојбата

Министерот за здравство Азир Алиу оценува дека ваквите интервенции се клучни за градење доверба во здравствениот систем и дека тие се резултат на знаење, тимска работа и создавање услови најсложените медицински зафати да се изведуваат во земјата.

„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Оваа состојба најчесто предизвикува видлива испакнатина и ограничување на движењето на рамото, а неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил или сколиоза.

Во одредени случаи постои и дополнителна коскена или влакнеста врска со ’рбетот, позната како омовертебрална лента, поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи кај деца на возраст од три до осум години, со цел подобрување на функцијата и изгледот на рамото.