Министерот за здравство Сашо Клековски најави формирање посебна комисија, која ќе го разгледува случајот со Ива Михајлова, а во ревизијата ќе бидат вклучени и експерти од странство. Ова следува по првичниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, при што биле опфатени повеќе здравствени установи.

„Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија и болниците во Кочани, Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот, ќе барам експерти надвор од земјата да направат ревизија на случајот“, рече Клековски.

Ваквиот став министерот го изнесе по средбата со новинарите, на која ги презентираше реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци.

Тој посочи дека целокупната документација веќе е прибрана и дека претстои нејзина детална обработка. Со формирањето на комисијата и вклучувањето странски експерти, Министерството најавува дополнителна проверка на медицинската документација и постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот.