Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи надзорната расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

Надзорната расправа ќе продолжи со ислушување на исказите на останатите учесници и сведоци повикани од Комисијата за финансирање и буџет. На седницата треба детално да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во целата постапка, како и одговорноста на надлежните институции.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, соопшти дека на расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, односно Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка. Таа информира дека ниту едно од лицата на списокот на поканети сведоци до тој момент сè уште немало потврдено свое присуство, додавајќи дека дел од нив по вторпат пријавуваат службен пат токму во периодот кога треба да се одржи сослушувањето.

Пратениците од опозицијата поднесоа и интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поврзана со случувањата во Алта банка. Преку интерпелацијата се бара утврдување на политичка одговорност за постапувањето на Славески при влезот на Алта банка АД Белград во некогашната Стопанска банка АД Битола.

Интерпелацијата директно се однесува на постапката во која Народната банка дала претходна согласност Алта банка да стекне квалификувано учество во битолската банка. Воедно, се бараат одговори какви проверки биле направени за сопственичката структура, инвеститорот и потеклото на капиталот, на кој начин биле проценети ризиците за штедачите и депонентите, како и врз основа на кои критериуми била одобрена согласноста за именување на Давор Мацура во Надзорниот одбор.