Ослободителната пресуда за Никола Груевски и одлуката да не се конфискуваат „Белата палата“ и другите партиски објекти отворија сериозни прашања за начинот на кој заврши предметот „Талир 2“. Обвинителката Ленче Ристоска, која повеќе од седум години работеше на случајот, тврди дека предметот ѝ бил одземен со цел да се заштити имотот на ВМРО-ДПМНЕ и да се избегне негово одземање.

Ристоска ја оспорува одлуката на Кривичниот суд, донесена од судијката Даниела Алексовска-Стојановска, и прашува како непроменетите докази можеле најпрво да доведат до осудителна, а потоа до ослободителна пресуда. Според неа, измените на Кривичниот законик од 2023 година имале влијание врз постапката, но не можат целосно да го објаснат спротивниот судски исход.

Таа посочува дека обвинителството во текот на постапката го изменило обвинението и додало дејствие кое не било опфатено во првичната верзија. Станувало збор за обврската на Груевски, како тогашен претседател на партијата, да ги врати средствата во Буџетот и да ја надомести разликата меѓу вредноста на изградениот објект и реалната вредност на земјиштето.

Според Ристоска, ова дејствие се однесува на неизвршување обврска утврдена со Законот за финансирање на политичките партии и не било опфатено со декриминализацијата. Таа нагласува дека доказите укажувале оти имотната корист завршила кај ВМРО-ДПМНЕ, но овој дел од обвинението воопшто не бил разгледан во јавно објавеното образложение на судот.

„Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода“, реагира Ристоска. Според неа, повикувањето единствено на измените на Кривичниот законик не ја отстранува противречноста, бидејќи законските измени не ја менуваат содржината на доказниот материјал.

Посебно загрижувачка, според неа, е можноста за конфискација на партискиот имот. Таа објаснува дека имот може да биде одземен и кога кривичното гонење ќе застари, но не и откако ќе биде донесена правосилна ослободителна пресуда.

Поради тоа, клучно ќе биде дали обвинителството ќе поднесе жалба и дали од Апелациониот суд ќе побара да одлучува и за конфискацијата, иако предметот во август навлегува во период во кој делото може да застари.

Ристоска го критикува и постапувањето на обвинителот Кристијан Смилевски, кој го презеде предметот по нејзиното отстранување. Таа очекува обвинителството да ја обжали пресудата и укажува дека одложувањата на рочиштата придонеле случајот да заврши само со првостепена одлука.

На едно од последните рочишта, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одлагање поради отсуство, иако нивното присуство не било задолжително. Обвинителството не се спротивставило, а судот го прифатил барањето, со што дополнително се стеснил периодот во кој Апелациониот суд би можел суштински да одлучува.

Ристоска поднесе оставка откако беше тргната од предметот што го водеше седум и пол години. По вчерашната ослободителна пресуда, таа оцени дека развојот на настаните го потврдил нејзиното сомневање оти „Талир 2“ ѝ бил одземен за да се спречи конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.