Министерството побарало откажување на Олимпијадата или намалување на бројот на учесници
Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека неговото Министерство побарало или откажување на Олимпијадата или намалување на бројот на учесници на 1.000.
Предложивме или да се откаже Олимпијадата или таа да се редуцира на 1.000 учесници за коишто можеме како држава да дадеме гаранции. Бевме одбиени од причина што веќе било премногу доцна за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан– рече Ристовски.
Министерството, и покрај тоа што не било потписник на договорот, сепак дало логистичка поддршка за ЕМОФ 2025. Договорот го потпишале Олимпискиот комитет и Град Скопје.
Јас лично имав разговор со претседателот на Европскиот Олимписки комитет во насока да укажеме дека како држава ги немаме тие спортски комплекси кои Олимпискиот комитет и градот Скопје си го преземале како обврска со потпишување на договор за организирање на еден вака морам да додадам дека иако организацијата во одреден момент затаи, меѓутоа не беше на ниво катастрофално како што тоа сака да го прикажат поединци или опозицијата. И ете кога ќе угостите преку 4.000 дечиња, нормално е да има некои недостатоци. Не постои држава на светот или Олимписки комитет на светот или град на светот што може да го организира без недостатоци и тоа е во ред. Улогата на министерството беше чисто логистичка. Од нас беше побарано, на пример, да купиме 150 нови креветчиња за студентските домови коишто ќе останат понатаму во студентските домови. Ние како министерство успеавме од една општествено одговорна компанија да замолиме да донира 2.000 перници, сите оние работи коишто се потребни за тие креветчиња. Беше побарано од нас да го обезбедиме дел од автобускиот превоз којшто го обезбедивме. Беше побарано од нас сите спортски сали да бидат дадени на користење бесплатно, што и донесовме одлука на Влада и ги оставивме сите оние спортски сали бесплатно на користење и беше побарано од нас да помогнеме во промоција на настанот, потенцира Ристовски.
Во врска со слабите резултати на македонските спортисти, Ристовски изјави дека за добри резултати потребни се најмалку два олимписки циклуси.
Немањето резултати не може да се смени ниту за една година, ниту за две, ниту за три. Тоа е еден процес којшто барем треба да трае два олимписки циклуса, а тоа е четири до осум години за да направите резултат на Олимпијада, зборувам.
Тој подвлече дека државата ги поддржува младите спортисти директно.
А, не е точно дека младите не се поддржани од државата. Јас ќе ви набројам многу факти коишто не се така. Направивме да спортистите заслужни ги добиваат средствата директно. Да не оди тоа преку федерациите. Затоа што имаме случаи, и сега имаме случај, да ние ги префрламе наменски средствата за одреден спортист и тие средства се држат четири до пет месеци и не му се префрлаат на спортистот, рече Ристовски.
Министерот посочи и дека покрај краткото време и отсуството на буџет, Министерството е гордо на досега реализираните капитални инвестиции.
За капиталните спортски инфраструктурни објекти можам да ви кажам дека ние како Министерство за спорт за неполна година – зборувам имавме четири-пет месеци коишто во таа трансформација бевме министерство, меѓутоа немавме ни буџет, мораше да го чекаме ребалансот за да функционираме – ќе ја заокружиме на една година. Во делот на капиталните инвестиции мислам дека сум многу горд на сè она што го направивме, нагласи министерот Ристовски.