„Потребен е рударски сектор кој ќе биде партнер на европската иднина“, порача претседателот на Здружението на рударски и геолошки инженери, Горан Сарафимов, за време на последното научно советување. Тој нагласи дека сегашницата се одликува со брзи технолошки промени, енергетска транзиција и зголемена потреба за минерални суровини, при што рударството повеќе не претставува дејност поврзана само со класично ископување руда и метали.
„Современото рударство претставува висока технолошка дејност, која применува автоматизација, дигитализација, вештачка интелигенција, далечинско управување со опрема, беспилотни летала за геолошки истражувања и напредни системи за мониторинг на животната средина. Во светски рамки бакарот, литиумот, никелот, манганот, кобалтот и ретките земни метали стануваат клучни суровини без коишто не може да се направи зелена транзиција и да има развој на нови технологии. Европската Унија вложува сериозни напори за обезбедување на сигурни извори на критични минереални суровини, а Западниот Балкан се повеќе се препознава како регион од стратешко значење за европските синџири на снабдување“, изјави Сарафимов.
Тој посочи дека соседните земји веќе прават сериозни чекори и интензивно инвестираат во развојот на овој индустриски сектор. Во Србија се насочени повеќе милијарди инвестиции кон производство на бакар и нови рударски технологии, додека во Грција се развиваат значајни стратешки проекти фокусирани на бакарот, галиумот и останатите минерални суровини потребни за европската индустрија и одржливото рударство.
„Ова ни дава насока дека рударството повторно добива централно место во економскиот развој на регионот. Македонија не смее да остане настрана од овие процеси. Нашата земја располага со значителни минерални суровини, долгогодична рударска традиција и квалитетен стручен кадар. Она што ни е потребно е поголема соработка помеѓу институциите, универзитетите и индустријата, како и јасна стратегија за одржлив развој во секторот на рударството“, додаде Сарафимов.
Инженерот потсети дека економскиот напредок не е во спротивставеност со еколошките стандарди, бидејќи современите стандарди налагаат одговорно управување со ресурсите, постапки за рекултивација на земјиштето, рационално трошење на водите и користење на најквалитетните достапни технологии за заштита на природата.
Заменик-министерката за животна средина, Ане Лашкоска, истакна дека државните институции имаат задача да создаваат политики со кои ќе се овозможи економски развој, но паралелно ќе бидат заштитени здравјето на населението и природата.
„Многу важен е мониторингот и инспекцискиот надзор, којшто во последно време е зајакнат, а она што можам да го ветам е дека ќе биде уште позајакнат и почест во наредниот период. Проценката врз влијанието на животната средина потребно е да ја земе предвид рамнотежата којашто постои помеѓу економскиот аспект, социјалниот аспект и животната средина. На сите ни е јасно дека еден рударски проект е значаен за економскиот развој на државата. Значајни се инвестициите, меѓутоа инвестиции коишто мора да ги исполнуваат обврските што ги имаат за заштитата на животната средина“, истакна Лашкоска.
Таа потенцираше дека економскиот и технолошкиот напредок одат заедно со рударството и дека дилемата помеѓу рударството и животната средина не мора да значи исклучивост, бидејќи современите технички решенија овозможуваат нивен соживот.
На научниот собир говореше и директорот на Институтот за рударство и металургија Бор од Србија, Миле Бугарин, кој подвлече дека прашањето лежи во технологијата, а не во откажувањето од производството.
„Иднината на рударството во Србија и општо во регионот не во изборот на рударското производство, туку во изборот на технологиите кои ги решаваат еколошките предизвици… Кога зборуваме за критичните минерални суровини, вие знаете дека светот глобално води војна за суровини. Денес во светот, според податоците за 2025 година, се произведуваат околу 23 милиони тони бакар од концентрати и сигурни суровини од околу пет милиони тони. Светот до 2050 година ќе има потреби од 20 милиони тони заради развојот на електрификацијата. Кога зборуваме за вакви ситуации, ние мора да знаеме дека процесот на производство мора да го има“, нагласи Бугарин.
Според Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, изготвена од МАНУ, земјата поседува значајни капацитети на бакар кои сè уште не се доволно искористени. Пример за тоа се наоѓалиштата Иловица-Штука, каде компанијата „Еуромакс ресоурцес“ преку истражувања утврди резерви од 225 милиони тони руда со околу 410.000 тони бакар и проектирано годишно производство од над 10.000 тони во период од 23 години, додека рудни проекти на локалитетите Казандол и Кожуф останаа нереализирани.
