Изјавата на Бајден, дадена синоќа во интервју за телевизијата „Еј-Би-Си”, ги возбуди духовите во Москва.

На прашањето од водителот Џорџ Стефанопулос, дали тој смета дека Путин е убиец, Бајден одговор „хмм да, сметам дека е”, и истакна дека „тој ќе плати висока цена” за поткопување на изборите во САД.

Вашингтон по се изгледа не е загрижен. Прашањата на Стефанопулос најверојатно биле претходно одобрени и претседателот одговараше на нив без двоумење.

– Рековте дека тој немал душа, рече водителот, на што Бајден одговори: „да тоа му го кажав нему (на Путин) и неговиот одговор беше ‘се разбираме еден со друг‘… му реков “те знам тебе и ти ме знаеш мене“, кажа тој за некогашна средба што ја имал со Путин.

Набљудувачите во Вашингтон сметаат дека забелешката на претседателот на САД е најава за нова рунда жестоки санкции против Русија.

– Ќе има дополнителни санкции против поединци блиски до Владимир Путин… можеби уште идната недела, јави денеска Си-Ен-Ен. Такви санкции веќе имаше поради труењето на опозиционерот Алексеј Навални.

-Овој пат санкциите ќе бидат поради обидите за раскол во американското општество и дезинформацијата за време на изборите во 2020 година, за која се дозна од последниот извештај на нашите разузнавачи, и многу од оваа дезинформација беше за семејството на Џо Бајден и за неговиот син Хантер, што тој го прими многу лично, посочи коментатор за телевизијата.

Од руското МНР истакнаа дека повлекувањето на амбасадорот е со цел „да се спречи непоправлива деградација во односите со САД”.