Како што пренесуваат странските агенции, Путин отпатува во Индија придружуван од министрите за одбрана и за надворешни работи, во време на исклучително затегнати односи меѓу Русија и САД, исто така клучен индиски партнер, кој изрази резервираност за растечката воена соработка меѓу Москва и Њу Делхи.

Во заедничкото соопштение по разговорите меѓу Путин и индискиот премиер Нарендра Моди се наведува дека Русија и Индија „ја повториле намерата да ја зајакнат одбранбената соработка, вклучително и заедничкиот развој на производство на воена опрема“.

Со договорот дека Индија ќе произведува пушки АК-203, Русија соопшти дека е заинтересирана да продолжи да испорачува системи за воздушна одбрана С-400 на Индија.

Индискиот министер за надворешни работи Харш Вардан Шрингла рече дека двете земји потпишале 28 инвестициски договори, вклучувајќи договори за челик, бродоградба, јаглен и енергија. Тој додаде дека договорот од 2018 година за ракетните системи С-400 во моментов се спроведува.

– Испораките започнаа овој месец и ќе продолжат, рече тој, мислејќи на С-400.

Со договорот со Москва за набавка на воена опрема, Индија ризикува американски санкции.

Руската нафтена компанија Роснефт соопшти дека потпишала договор со Индијан Оил за снабдување на Индија со околу 2 милиона тони нафта до крајот на 2022 година.

Двете земји потпишаа и меморандум за разбирање според кој Русија треба да и обезбеди на Индија континуирано снабдување со јаглен за да го поддржи нејзиното производство на челик.

Путин и Моди разговараа и за ситуацијата во Авганистан, изразувајќи ја својата посветеност да се осигура дека земјата никогаш повеќе нема да стане безбедно засолниште за меѓународниот тероризам.