Русија денеска се закани со нов бран „систематски напади“ врз цели во Киев, неколку дена по еден од најжестоките руски напади врз украинската престолнина од почетокот на војната.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека новите напади ќе бидат насочени кон „центри за носење одлуки“, командни локации и фабрики за производство на беспилотни летала во Киев и околните области.

Москва упати и апел до жителите на Киев да не се движат во близина на административните и воените објекти, а странските државјани и дипломатите беа повикани што побрзо да го напуштат градот.

Во жестоките руски напади врз Киев и други делови од Украина во саботата загинаа четири лица, а околу сто беа повредени, според украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Москва соопшти дека нападите се одмазда за украинскиот напад врз студентски дом во окупираниот Старобилск, во кој загинаа 21 лице на возраст од 14 до 18 години.

Во последниот масовен напад врз Киев, Русија употребила десетици балистички и крстосувачки ракети, стотици дронови и хиперсонична ракета „Орешник“.