Најмалку 25 пациенти заболени од ебола избегале од болниците во покраината Итури во североисточниот дел на Конго, откако здравствени установи биле нападнати во неколку одделни инциденти.
Директорот на Општата реферална болница Монгбвал, Ричард Локоду, изјави дека болницата во која се лекуваат пациенти со ебола била нападната двапати – еднаш во саботата и повторно вчера – по што дел од пациентите успеале да избегаат.
„Постои негирање меѓу населението и некои членови на семејствата сакаат да ги земат телата на сомнителните или потврдените случаи“, рече Локоду.
Тој додаде дека еден пациент починал додека се обидувал да избега за време на нападот во саботата, а 18 заболени од ебола избегале откако непознати лица запалиле шатори поставени од организацијата „Лекари без граници“, каде што пациентите биле изолирани.
Светската здравствена организација ја прогласи актуелната епидемија на сојот Бундибугио за трета најголема епидемија на оваа болест досега.
Според податоците на СЗО, регистрирани се околу 900 сомнителни случаи на ебола, 101 лабораториски потврден случај и 220 смртни случаи поврзани со инфекцијата.
