Руски воен авион случајно истрела проектил кон рускиот град Белгород, во близина на границата со Украина, во четвртокот доцна навечер, предизвикувајќи експлозија и оштетувајќи згради, јави руската новинска агенција Тасс, повикувајќи се на Министерството за одбрана.

Локалните власти известија за голема експлозија во градот веднаш над границата со Украина. Регионалниот гувернер изјави дека се повредени две жени.

„Додека авионот Сухој Су-34 летал над градот Белгород, дошло до случајно испуштање на оружје“, рече Тасс, објавувајќи го соопштението на Министерството за одбрана.

Авионот Су-34 е суперсоничен ловец-бомбардер. Не е кажано за какво оружје станува збор.

Министерството соопшти дека се оштетени некои згради и објави дека истрагата веќе е во тек, наведува руската агенција, а пренесува Ројтерс.

Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, објавувајќи вонредна состојба, на Телеграм изјави дека на една од главните улици има кратер од 20 метри, без да прецизира што го предизвикало. Оштетени се четири автомобили и четири станбени згради, додаде тој.

На видео снимката од местото на настанот се гледаат купишта бетон на улицата, неколку оштетени автомобили и зграда со искршени стакла. На една од снимките се гледа автомобил превртен наопаку на покривот на една продавница.