ТОКИО – Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека во петокот вечерта два руски воени брода биле забележани во водите недалеку од Тајван, а во претходните четири дена во близина на јапонскиот остров Окинава.
Јапонското Министерство за одбрана објави дека двете фрегати од класата Стерегуски првпат биле забележани во вторник наутро на 70 километри југозападно од островот Јонагуни во префектурата Окинава, недалеку од Тајван.
„Бродовите се движеа низ водите меѓу Јонагуни и Тајван. Тие потоа се упатија кон исток и последен пат беа видени во петокот вечерта во водите меѓу островите Мијако и Окинава“, се вели во соопштението.
Министерството, исто така, објави дека два брода биле испратени да го следат движењето на руските бродови.
Слично соопштение имаше и Тајван во текот на неделата.
Јапонската администрација минатиот месец објави дека е забележана зголемена активност на руската војска недалеку од јапонската територија, вклучително и маневри со кинеските сили, што, како што се наведува, претставува „сериозна загриженост“ за јапонската национална безбедност, пренесува Танјуг.
Руските медиуми претходно објавија дека бродовите на руската Пацифичка флота влегле во јужниот дел на Филипинското Море за да извршуваат задачи како дел од вежбите за обука во оддалечените мориња.