Според последниот извештај на француското МВР, билансот од четвртата ноќ на немири низ Франција изнесува 994 апсења, повредени се 79 полицајци, а нападнати се 31 полициска станица и 11 касарни на жандармеријата.

Како што јави БФМ ТВ, опожарени се 1.350 возила и 234 згради. Немирите и судирите со полицијата се случија откако во вторникот од полицаец беше убиен 17-годишник.

Управниот суд потврди дека во петокот е воведен полициски час во „жешкото“ париско предградие Кламар, како и дека постои можност слични мерки да се воведат и во други општини. Секретарот на регионалниот полициски синдикат на Алијансата во Марсеј, Руди Мана, опиша „герилски сцени“ за време на ноќните немири, според ТВ БФМ.

„Резултатите од ноќта можат да се сумираат во еден збор: апокалиптично. Имавме сцени од герилски борби во центарот на Марсеј, северните области исто така беа погодени од грабежи, палење возила и канти за ѓубре“, рече Мана. Тој додаде дека полицајците „се во состојба на неверојатна физичка и психичка исцрпеност“.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дерманин најави мобилизација на 45.000 полицајци и жандарми во петок.

Полициското убиство на 17-годишникот, кој беше идентификуван само како Нахел, предизвика бран незадоволство и протести кои се претворија во судири со полицијата ширум Франција.