-Тој документ не беше воопшто во доказна постапка. Тоа беше меѓу другите услови кои колешката ги има наведено за определување на притвор. Не беше едиствено таа белешка, според тоа, како што ми е пренесено од колешката, јас сега не го знам предметот, но и други основи има. Така што, тоа не е доказ во постапката. Тој документ нема потреба да се користи понатаму. Тоа не е доказ за кривичното дело – изјавила Рускоска за Слободен печат.
По притворањето на Камчев во средината на март, премиерот Зоран Заев рече дека од Агенцијата за национална безбедност со службена белешка, која е класифициран документ, бил информиран за причините за приведување на Орце Камчев и ги оценува како сериозни.
-Нормално дека сум информиран од институцијата што е под надлежностна Владата, Агенцијата за национална безбедност преу службена белешка, строго доверливо, за деталите за поднесокот пред ЈО. Тие се строго доверливи и не можам да да ги коментирам, но можам да кажам дека се сериозни причини кои биле основ да посегнат по една ваква белешка да ја достават до надлежен орган, до ЈО кое понатаму одлучува, презема дејствија или не и кое еве одлучило да преземе пред судот и судот донел одлука, изјави Заев, одговорајќи на новинарско прашање по обраќањето во партиското седиште.
Тој појасни дека според она што го видел во белешката и тоа како е аргументирано сериозно за надлежна институција, независна од извршната власт, да се замисли и, како што рече, да донесе одлука.
-И видовме дека донесе одлука, односно бараа притвор и судот донесе одлука за притвор. Оставам понатаму надлежите институции доколку одлучат да споделат одредени детали. Јас не би споделувал детали бидејќи се работи за класифициран документ со кој комуницираат инситуциите со премиерот, со претседателот на државата, со претседателот на Собранието, истакна Заев.
Агенцијата за Национална безбедност претходно денеска информираше дека во случајот со определување на мерката притвор за Камчев на 14.03.2021 година, во рамки на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, доставило до надлежното Јавно Обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него.