Ален Рустемовски нема да се бори за златниот медал на Медитеранските игри, откако претрпе пораз во полуфиналната борба. Македонскиот боксер загуби од Марин Хернандез од Шпанија, во меч кој предизвика големо незадоволство во македонскиот табор.

Одлуката за победникот ја донесоа судиите, кои му ја доделија победата на шпанскиот претставник. Таквиот исход беше пречекан со разочарување од македонската делегација.

Хернандез е боксер со кубанско потекло, кој во изминатите години настапува за Шпанија. Со победата во полуфиналето тој обезбеди пласман во финалето и можност да се бори за најсјајното одличје.

Рустемовски, пак, по поразот во полуфиналето нема да има можност да се бори за златото, но од Медитеранските игри ќе замине со бронзен медал.