Алијансата фокусирана на долгорочни безбедносни гаранции за Киев

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека идејата за приклучување на Украина кон Алијансата во моментов не се разгледува. Тој посочи дека западните сојузници ќе настојуваат да се обезбедат сигурни безбедносни гаранции за Киев.

„Во овој момент нема разговори за членство во НАТО во рамки на мировниот договор; прашањето е дали ќе бидат обезбедени сигурни безбедносни гаранции“, порача Руте.

Според него, во рамки на потенцијалниот мировен аранжман, фокусот е на моделите кои би обезбедиле долгорочна безбедност на Украина, а не на формално членство во Северноатлантската алијанса.

Западни медиуми оценуваат дека оваа позиција претставува отстапување од претходните сигнали, кога на самитот во Букурешт во 2008 година беше наведено дека Украина и Грузија „еден ден ќе станат членки“.

Руте нагласи дека американскиот претседател, Доналд Трамп, го отстранил прашањето за украинското членство од преговарачката маса, истакнувајќи дека приоритет треба да биде зајакнувањето на воените капацитети.

Генералниот секретар потсети дека НАТО со години систематски го зајакнува своето присуство на источното крило преку мултинационални контингенти кои помагаат во одбраната на Летонија, Естонија, Полска и Литванија, како дел од стратегијата за одвраќање.