Првата рунда преговори меѓу високи американски и ирански претставници во Швајцарија заврши утрово, соопштија посредниците, по тензичен почеток обележан со објавата на Техеран дека повторно го затворил Ормутскиот теснец и повторените закани на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги обнови нападите врз Иран.
Во заедничко соопштение на земјите посредници Катар и Пакистан се наведува дека САД и Иран се согласиле за патоказ кон конечен договор во рок од 60 дена. Техничките преговори ќе продолжат во текот на неделата во швајцарското планинско одморалиште Биргеншток, кое е во катарска сопственост, според соопштението објавено од катарското Министерство за надворешни работи.
Страните се согласиле за механизам за прекин на борбите во Либан и отвориле комуникациска линија за обезбедување безбеден премин на трговските бродови низ спорниот теснец, јавува Ројтерс.
Американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс ги започна разговорите со иранските претставници во неделата, согласно меморандумот за разбирање постигнат минатата недела за продолжување на кревкиот прекин на огнот од април за најмалку уште 60 дена. Разговорите продолжиле до раните утрински часови во понеделникот.
Во објава на социјалните мрежи, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека неговата земја обезбедила изземања за извоз на нафта и петрохемиски производи, ослободување на дел од замрзнатите средства и започнување план за реконструкција и развој на Иран.
Белата куќа засега нема коментар на прашањето дали преговорите на високо ниво се завршени.
Непосредно пред официјалниот почеток на разговорите во неделата, Фокс Њуз објави дека Трамп им порачал на иранските претставници: „нема да имате држава“ ако повторно се обидат да го затворат теснецот. Трамп исто така ја повторил претходната закана дека САД би можеле да ја преземат контролата врз водениот премин и евентуално да воведат сопствена такса за негово користење.
Трамп изјави дека се согласил со меморандумот од минатата недела за да се избегне глобална економска депресија поради високите цени на нафтата предизвикани од затворањето на теснецот. Цените на нафтата во изминатата недела паднаа на нивоа невидени од почетокот на војната на 28 февруари со американско-израелските напади врз Иран.
По заедничкото соопштение, фјучерсите на суровата нафта Брент дополнително паднаа за повеќе од еден долар, достигнувајќи 79,44 долари за барел.
Американски и ирански извори дадоа различни верзии за разговорите во Швајцарија.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним, повикувајќи се на информиран извор, објави дека по заканите на Трамп, иранската делегација одбила да се врати во просторијата каде што се одржувале разговорите, иако пораките продолжиле да се разменуваат преку посредниците од Пакистан и Катар.
Според истиот извор, Иранците порачаале дека почетокот на преговорите за нуклеарните прашања бара исполнување и на другите делови од меморандумот, вклучително и ослободување на замрзнатите средства и американски дозволи за извоз на иранска нафта.
„Иранците никогаш не си заминаа и сè уште се тука, преговарајќи до доцна во ноќта“, изјавил американски дипломат вклучен во разговорите за Ројтерс. „Разговаравме за теснецот, Либан, нуклеарните прашања и деталите за спроведување на меморандумот, меѓу другото.“
Договорот предвидува повторно отворање на Ормутскиот теснец – клучна точка за глобалниот енергетски транспорт – и прекин на сите непријателства, вклучително и во Либан, каде што Израел продолжува со нападите, додека сојузникот на Иран, Хезболах, отвора оган кон израелски цели.
Иран, тврдејќи дека САД не ја исполниле обврската за прекин на борбите во Либан, за време на викендот тврдеше дека повторно го запрел поморскиот сообраќај низ теснецот и најави дека неделните разговори нема да опфатат суштински прашања како иранската нуклеарна програма.
На разговорите во Швајцарија, Венс го минимизираше влијанието на насилството во Либан, велејќи дека е постигнат напредок кон запирање на непријателствата.
„Овие работи секогаш се малку хаотични“, изјави тој.
Во меѓувреме, во САД, Трамп се закани дека повторно ќе изврши напади врз Иран доколку не ги ограничи своите сојузници.
„Иран мора веднаш да ги запре своите добро платени посредници во Либан да создаваат проблеми“, напиша Трамп на социјалните мрежи, очигледно алудирајќи на Хезболах. „Ако не го сторат тоа, повторно силно ќе го погодиме Иран – исто како минатата недела, само уште посилно!!!“
И покрај заканите, Венс им изјави на новинарите дека американскиот претседател „побарал да свртат нов лист и да ги трансформираат односите со народот на Иран“.
Американски дипломат вчера доцна изјавил дека разговорите вклучувале „разјаснување на збунувачките пораки од Иран околу теснецот и создавање механизми за избегнување конфликти за да остане целосно отворен“.
Од друга страна, и покрај објавата за нов прекин на огнот во Либан во петокот, има малку знаци за вистински крај на борбите. Иран во саботата соопшти дека повторно го затворил теснецот, а во неделата низ теснецот поминале само пет бродови, што е значителен пад во споредба со 26 бродови ден претходно, покажуваат податоците на аналитичката компанија Кплер.
Неделата во Либан изгледала како еден од најмирните денови во последно време, без извештаи за поголеми судири до вечерта, по два дена интензивни израелски напади и гранатирање од страна на борците на Хезболах.
Повеќе од еден милион луѓе ги напуштиле своите домови во Либан откако Израел започна инвазија во март со цел да ги потисне борците на Хезболах кои отвораа оган преку границата како поддршка за Техеран.
Во неделата, новинарите на Ројтерс во јужен Либан забележале еден од најголемите сообраќајни метежи од потпишувањето на меморандумот, додека жителите се враќале во своите домови. Некои стоеле покрај колоните возила на автопатот и вееле знамиња на Хезболах.
