Рамковниот договор меѓу САД и Иран предвидува рок од 60 дена за постигнување конечна спогодба, според која Техеран не би поседувал нуклеарно оружје и би се откажал од резервите на збогатен ураниум, објави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на висок американски претставник.
Рок од два месеца за конечна спогодба
Според неименуван претставник од администрацијата на Доналд Трамп, рамковниот договор предвидува во следните два месеца да бидат утврдени конечните точки на спогодбата. Изворот навел дека можниот договор вклучува обврска Иран да не поседува нуклеарно оружје и да се откаже од резервите на збогатен ураниум.
Начинот на кој тие резерви би биле преземени, според истиот извор, ќе биде предмет на следната фаза од преговорите.
Ормуска Теснина повторно би била отворена
Договорот, како што наведува американскиот претставник, предвидува и повторно отворање на Ормуска Теснина, која би била „деминирана“ и безбедна за пловидба. Засега не се соопштени дополнителни детали за идниот модел на функционирање на теснината.
„Ако Иран не ги исполни своите обврски, нема да добие ништо. Ако нема ураниум, нема да има ни пари“, изјавил американскиот претставник, додавајќи дека американската блокада постепено би се ублажувала со отворањето на теснината.
Техеран не сака да потпише договор под нови услови
Претходно, „Ал Џезира“ објави дека Вашингтон се премислува околу две клучни прашања во преговорите – механизмот за одмрзнување на иранските средства и обемот на прекинот на огнот во Либан.
Според истиот извор, Техеран им порачал на посредниците дека нема да потпише таков договор, бидејќи смета дека Вашингтон се повлекува од претходно договорените позиции.
Трамп претходно изјави дека САД се стремат кон „добар и соодветен договор“ со Иран, оценувајќи дека разговорите за нуклеарната програма се водат „уредно и конструктивно“.
Во меѓувреме, „Ен-би-си њус“, исто така повикувајќи се на висок претставник од администрацијата на Трамп, објави дека конечен договор меѓу САД и Иран нема да биде постигнат денеска.
