Заедничка изјава за продолжување на преговорите

Соединетите Американски Држави и Украина изработија ажурирана мировна рамка за ставање крај на конфликтот, по вчерашните разговори одржани во Женева, соопштија Киев и Вашингтон. Двете страни се договорија да продолжат со интензивни консултации во наредните денови и да останат тесно координирани со европските партнери.

„Конечните одлуки во однос на оваа рамка ќе бидат донесени од претседателите на Украина и на Соединетите Држави“, се додава во изјавата.

Разговорите во Женева беа опишани како „конструктивни, фокусирани и со почит“, покажувајќи „значаен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори“.

„Двете страни се согласија дека консултациите беа високо продуктивни“, се наведува во соопштението.

Цели и национални интереси

Преговарачите нагласија дека секој иден договор мора да го поддржи суверенитетот на Украина и да обезбеди траен и праведен мир.

„Како резултат на разговорите, страните изработија ажурирана и подобрена мировна рамка“, истакнаа тие.

Украина изрази благодарност за поддршката од САД и потврди дека двете страни ќе продолжат заеднички да работат на мир кој ќе гарантира „безбедност, стабилност и реконструкција“ на земјата. Во одделно соопштение од САД се нагласува дека украинската делегација потврдила дека сите главни грижи безбедносните гаранции, долгорочниот економски развој, заштитата на инфраструктурата, слободата на навигација и политичкиот суверенитет биле темелно разгледани.

Украинските претставници наведоа дека ревидираниот нацрт ги отсликува нивните национални интереси и обезбедува „веродостојни и спроведливи механизми за заштита на безбедноста на Украина и на краток и на долг рок“. Киев засега нема коментар.

Преговорите и дипломатските чекори

Американскиот државен секретар Марко Рубио истакна дека е постигнат „суштински“ напредок за време на разговорите за мировниот план од 28 точки на Вашингтон, кој претходно наиде на отпор од Украина и европските сојузници. Тој додаде дека преостанатите прашања не се „несовладливи“ и дека прашањата што директно ги засегаат Европа и НАТО ќе бидат разгледани одделно, со придонес од сојузничките нации.

„Искрено верувам дека ќе стигнеме до целта“, рече Рубио.

Тој го ублажи и претходно предложениот краен рок за прифаќање од Украина, истакнувајќи дека иако заклучок до четврток би бил идеален, сепак „дали ќе биде четврток, дали ќе биде петок, дали ќе биде среда, дали ќе биде понеделник следната недела, сакаме да биде наскоро“.

Рубио во Женева се сретна со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и Даниел Дрискол, висок функционер на Пентагон, за разговори со украинската делегација.

Украинскиот преговарач Андриј Јермак го оцени состанокот како „многу продуктивен“ и додаде дека разговорите се движат кон праведен и траен мир. Конечните одлуки ќе ги донесат претседателите на САД и Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали обновените дипломатски напори во вечерното видео обраќање, изразувајќи надеж дека разговорите ќе доведат до вистински чекори за ставање крај на конфликтот.

Разговорите во Швајцарија, во кои учествуваа и претставници од Франција, Велика Британија, Германија и ЕУ, беа набрзина организирани за да се натераат САД да го преиспитаат својот последен предлог за завршување на конфликтот. Европските сојузници на Украина го отфрлија планот во неговата првична форма, кој во голема мера ја фаворизира Русија. Документот од 28 точки ќе бараше од Киев да ѝ отстапи делови од територијата на Русија и да ја ограничи големината на својата војска, меѓу другите мерки.