Одлуката, објавена од координаторот на Белата куќа за борба против коронавирусот, Џеф Зајентс, претставува ненадеен пресврт во политиката на администрацијата на Бајден, која минатата недела соопшти дека сѐ уште не е време за укинување на кои било мерки, објави „Ројтерс“.
Мерките спречија десетици илјади странци да дојдат во САД за да ги видат членовите на семејството, а деловните патувања исто така беа драстично намалени.
Забраните за влез за неамерикански државјани првпат беа воведени за патници од Кина во јануари 2020 година под мандат на Доналд Трамп, а потоа забраните беа проширени и во други земји во наредните месеци.
САД ќе прифатат целосно вакцинирани патници од шенген-зоната, како и од Велика Британија, Ирска, Кина, Индија, Јужна Африка, Иран и од Бразил.
Американските центри за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) ќе одлучат кои вакцини ќе бидат прифатени за влез во земјата. Странците ќе мора да достават доказ за вакцинација пред патувањето и нема да мора да одат во карантин по пристигнувањето.