Земјата создала околу 42 милиони тони пластичен отпад во 2016 година, што е двојно повеќе од Кина и повеќе од земјите на ЕУ заедно, се наведува во извештајот на Националната академија на науките, инженерството и медицината.

Во просек, секој Американец создава 130 килограми пластичен отпад годишно, а потоа следува Велика Британија со 98 килограми. Во Франција, просекот е 43 килограми.

– Успехот на чудесниот изум на пластика во 20. век, исто така, создаде глобална поплава од пластичен отпад, каде и да погледнеме, пишува Маргарет Спринг, претседателка на Комитетот на експерти која го напиша извештајот по барање од Конгресот на САД.

Таа го нарече проблемот „еколошка и социјална криза“.

Најмалку 8,8 милиони тони пластичен отпад завршува во океаните секоја година низ светот, се објаснува во извештајот. Целата пластика, вклучително и онаа фрлена на копно, има потенцијал да заврши во океаните.

Со сегашното темпо, количеството на пластика фрлена во океаните може да достигне 53 милиони тони годишно до 2030 година, што е половина од вкупната тежина на рибите уловени во океаните секоја година. Производството на пластика доживеа експанзија во 80-те години на минатиот век, но не и рециклирањето, се вели во извештајот.

Се препорачува развој на национална стратегија во САД до крајот на 2022 година, која ќе даде детали за повеќе насоки кои би можеле да го решат проблемот.

– Тоа е најсеопфатниот извештај за загадувањето со пластика досега објавен, рече Џудит Енк, претседател на Beyond Plastics.