Почеток на нова платформа надвор од СДСМ

Актуелниот градоначалник на Струмица и поранешен портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, го потврди замрзнувањето на своето членство во партијата и најави формирање на ново интерпартиско делување. Преку објава на Фејсбук, Костадинов остро ја оцени состојбата во која се наоѓа неговата партија, алудирајќи на политичка стагнација и безидејност.

„Ѝ посакувам среќа на СДСМ да победи барем во една општина“

„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам – за жал нема како… До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, изјави Костадинов, посочувајќи дека однадвор ќе ги следи случувањата.

Со оваа порака, Костадинов индиректно најави и прекин на својата досегашна улога во рамките на СДСМ, отварајќи пат за нешто ново на политичката сцена.

„Платформа што ќе ги обедини оние кои не се пронаоѓаат во СДСМ“

„Во следните месеци ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што му недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи и доволно забавни за да се пронајдат младите“, истакна Костадинов.

Поранешниот пратеник ја скицираше визијата за својата нова платформа како обединувачка алтернатива која ќе ги привлече и искусните кадри и младите разочарани од постојниот политички пејзаж.

Одлуката во две фази

„Конечната одлука за моето идно политичко позиционирање ќе ја соопштам во две фази – првата во септември, а финалната по локалните избори“, соопшти Костадинов.

Неговата најава доаѓа во клучен момент за македонската опозиција, во време кога СДСМ се соочува со внатрешна криза и сериозни предизвици на терен.