Лидерот на италијанската десничарска партија „Лига“, Матео Салвини, предложи обединување на членовите на Европскиот парламент од сите конзервативно-десничарски партии.

На состанокот во Португалија, каде што учествуваше на конференцијата „За поинаква Европа“, Салвини изјави дека „Европа не е ниту ЕУ, ниту еврото, Европа се милионите нејзини граѓани“, пренесе агенцијата Анса.

-Можеби некои велат дека ова е состанок на екстремисти, но ние овде сме, ја испитуваме можноста за формирање единствен блок во ЕУ со можни 130 парламентарци, рече Салвини.

Дел од италијанските центристички партии позитивно изреагираа на предлогот на Салвини, но партијата на Силвио Берлускони „Форца Италија“ оцени дека италијанската десница е обединета, но дека такво нешто не може да се пренесе во Европската унија.