– Минатиот месец мај, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово во Тетово и Тетовско вкупно откриле и законски санкционирале 1644 различни видови сообраќајни прекршоци и недостатоци или 945 повеќе во споредба со минатогодишниот мај. Во контролните активности, редовни и акциски, поради констатирани прекршоци, биле исклучени 68 возила. Најмногу од исклучените возила (36) биле со необновена регистрација повеќе од 30 дена, а кај 32 возила констатирана е техничка неисправност, најмногу на сопирачките, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Статистиката на сообраќајната полиција покажува дека минатиот месец, исто така, од сообраќај биле исклучени и 212 возачи, од кои 141 управувале без возачка дозвола, 36 возачи-почетници, 24 со несоодветна категорија и 11 со важечка забрана за управување.
– Во текот на мај годинава, исто така, поради истечена регистрација повеќе од 6 месеци и по други основи времено биле одземени 45 возила, а времено одземени се и 25 возачки и 44 сообраќајни дозволи. Во овој период, поради погрешно паркирање од „пајак-службата “ во Тетово биле подигнати 103 возила, посочи Јосифоски.
Инаку во изминатите три дена, односно на 4,5 и 6 јуни, на подрачјето на СВР Тетово вкупно откриени се 210 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место.