Изградбата на автопатот Прилеп–Битола е сериозно загрозена поради двегодишна блокада на пристапот до државен каменолом кај селото Ореовец, при што проценките укажуваат дека штетите може да достигнат и над 150 милиони евра.
Проблемот го предизвикуваат група сопственици на луксузни имоти, кои не дозволуваат пристап до позајмиште од кое треба да се обезбеди градежен материјал за Коридорот 10-Д. Снимки од дрон покажуваат дека станува збор за куќи со повеќе ката, уредени дворови, базени и дополнителни објекти.
Жителите кои ја блокираат локацијата тврдат дека се загрижени за животната средина, но досегашните контроли не утврдиле неправилности. Инспектори од Министерството за екологија и од Општина Прилеп излегле на терен и не констатирале прекршувања, а поставените мерни уреди за загадување, бучава и вибрации покажале дека вредностите се во дозволени граници.
Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека правото на протест не смее да значи целосна блокада на проект од јавен интерес.
„Јавното Претпријатие го разбира правото на група граѓани за изразување на незадоволство преку организирање на јавен собир, но тоа не значи дека треба да се дозволи 24-часовна блокада на пристапот за работа и оневозможување на работата, а особено кога се работи за проект од јавен интерес“, велат од претпријатието.
Дополнително, се посочува дека е симптоматично што истите лица немаат забелешки за приватните каменоломи во регионот, кои со години функционираат без пречки.
Финансиските последици од застојот се сериозни. Според проценките, државата може да се соочи со високи пенали, но и со дополнителни трошоци доколку материјалот мора да се набавува од приватни извори наместо од државниот каменолом.
Изведувачот „Бехтел и Енка“ веќе разгледува можност за барање отштета, што би претставувало значителен удар врз буџетот и може да достигне десетици милиони евра.
Каменоломот, познат како Позајмиште 6, е во државна сопственост и се наоѓа на повеќе од 700 метри од селото. Локацијата е предвидена со договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-Д, а претходно била планирана и за концесионално користење.
Без користење на ова позајмиште, практично е невозможно да продолжи изградбата на автопатот Прилеп–Битола.
