Вкупно 222 возачи на мотоцикли биле санкционирани во текот на вчерашната акциска контрола што полицијата ја спровела низ целата држава. Контролата била насочена кон прекршоците што ги прават мотоциклистите, а биле одземени и 14 мотоцикли.

Акцијата се одвивала на 5 август, во периодот од 17 до 23 часот. Според МВР, од санкционираните возачи, 186 управувале мотоцикл без да користат заштитна кацига.

Дополнително, 14 возачи биле лишени од слобода поради сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик. Сите тие управувале мотоцикл без возачка дозвола, соопшти МВР.

За време на контролата биле санкционирани и 197 други сообраќајни прекршоци, кои се однесувале на други видови прекршоци во сообраќајот.

Од МВР информираат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови. Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесат за поголема безбедност на патиштата.