Мијалков, кој е осуден првостепено за масовното незаконско прислушување на 12 години затвор, е во исчекување на судска одлука и за овој случај именуван „Трезор“, каде Обвинителството го напаѓа дека место да купи опрема директно од производителот „Гама интернешнл“ од Британија, ја купил од фирмата „Финзи ДООЕЛ-Скопје“. Како управител фигурираше сликарот Коста Крпач, кој која се отвори истрага од СЈО за овој случај, беше најден мртов во станот, со куршум во главата.
„Финзи“, чиишто вистински сопственици изјави дека не ги знае ни обвинетиот Небојша Стајковиќ, според обвинението, првин ја купила опремата од „Гама“, а потоа му ја препродала на МВР за потребите на УБК каде што директор тогаш бил Мијалков.
За тоа како била купена опремата, обвинителот Трајче Пеливанов потсети на сведочењето на Ѓоко Поповски од МВР, кој рече дека обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски усно му наложиле да потпише набавка со „Финзи“, за потребите на УБК.
Со препродажбата, а потоа и со одржувањето на незаконско набавениот уред за следење и пресретнување на комуникација преку компјутер, МВР од „Финзи“ испумпала 820.000 евра. Башка, опремата не била функционална, а полицијата плаќала за одржување десетици илјади евра секој месец на правното лице „Финзи“.
Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Трајковски и Небојша Стајковиќ во „Трезор” се обвинети за незаконско присвојување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија.
Обвинителот Артан Ајро во завршен збор ги поврза уделите на „Финзи“ со обвинетиот Мијалков. Наброја колку пати по телефон и на вибер контактирале Крпач, сведоци, како и обвинетите меѓу себе, кога се отворила истрагата во 2016 година.
Мијалков, Грујевски и Стајковиќ во јули 2010 година усно, без постапка за јавни набавки, со британска фирма се договориле за купување на опремата за УБК. Но, место да биде донесена од добавувачот, тројцата од УБК, со помош на раководното лице од МВР, се договараат транспортот да оди преку фирмата „Финзи ДООЕЛ Скопје“, чиј управител бил сега покојниот сведок на СЈО Коста Крпач. Оваа фирма била основана од правно лице од САД, регистрирана во Кипар со сметка на „Финзи ДООЕЛ Скопје“.
Единствено што работел овој правен субјект е што имал зголемување на основната главнина со 650.000 евра паричен влог, тврдат обвинителите. Овие средства се префрлени од сметката на „Финзи САД“, кој била отворена на Кипар. Потоа истите средства се префрлаат како влог во правното лице Си-фи кар (Систина – Финзи Кардиологија).
Според доказите, откако Финзи Скопје извршила увоз на опремата со вкупен износ од 1.452 403 евра, за истата опрема сумата тука ја префактурирала во 2.021.028 евра. Разликата меѓу набавната и продажната вредност во МВР е 362.000 евра, сума која отишла на сметката на „Финзи Скопје“.
Вториот дел од обвинението се однесува на изрежирано одржување на таа опрема, која во МВР веќе била нефункционална, поради софтверска и хардверска застареност, и проценета на 1 денар. Така, за британската опрема вредна еден денар, месечно од МВР се одлевале по 30.000 евра на истата фирма Финзи, се до смртта на управителот Коста Крпач, кога МВР еднострано го поништило договорот за одржување.
Крпач, во април кога беше застрелан, бил сведок на Специјалното обвинителство. Претходно, пред да биде најден мртов, него го помилува претседателот Иванов.
Извор: СДК.мк