Видео од безбедносна камера ја открива целата сцена

Видео од безбедносна камера, до кое дојде телевизијата „21“, ја открива целата сцена од денешниот вооружен напад во центарот на Куманово. На снимката јасно се гледа моментот кога напаѓачот, облечен во темна облека и со качулка на главата, се доближува до автомобилот во кој бил д-р Зеќирија Шахини и испукува неколку куршуми кон него.

Д-р Шахини, лекар на Клиниката за пулмологија во Скопје и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, е ранет во ногата и веднаш бил пренесен во болница. Министерството за здравство соопшти дека неговата состојба е стабилна и дека закрепнува.

Снимката открива дека нападот го извршил еден човек

Наспроти првичните информации на Министерството за внатрешни работи, според кои нападот го извршиле две лица, видеото покажува дека пукачот бил сам. Тој приоѓа кон возилото одзади и пука од непосредна близина, по што се оддалечува од местото.

Министерството за внатрешни работи потврди дека се преземаат мерки за идентификација и апсење на сторителот.

Реакција од ДУИ

Од партијата ДУИ остро го осудија нападот врз нивниот член и кандидат, повикувајќи ги институциите на итна реакција.

„Овој чин на насилство е неприфатлив и претставува напад врз демократските вредности. Очекуваме од полицијата и обвинителството итно да го пронајдат и санкционираат напаѓачот,“ се наведува во нивното соопштение.

Партијата додаде дека нејзините членови остануваат посветени на мирна и фер изборна кампања, без притисоци и закани.