СДСМ преку соопштение го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека прави споредба со инфлацијата од 2022 година, кога светот се соочуваше со последиците од пандемијата, енергетската криза и почетокот на војната во Украина, за да создаде впечаток дека актуелните економски показатели се голем успех.
Од партијата велат дека јулската инфлација од 2,3 проценти сама по себе не значи дека граѓаните денес живеат поевтино. Според нив, станува збор за забавување на растот на цените, кои по големиот скок во изминатите години не се вратиле на претходните нивоа.
СДСМ посочува дека основните производи кои во 2021 година чинеле околу 1.000 денари, денес чинат приближно 1.300 денари, што, како што велат, е разликата што граѓаните ја чувствуваат при секое пазарување.
Од партијата реагираат и на податоците за јулските цени, посочувајќи дека транспортот за само еден месец поскапел за 4,4 проценти. Храната, иако забележала мало намалување во однос на претходниот месец, и понатаму е на значително повисоко ниво во споредба со периодот пред кризата.
„Статистиката мери проценти. Граѓаните плаќаат сметки“, велат од СДСМ, обвинувајќи го Мицкоски дека намерно ја избира 2022 година како основа за споредба за да прикаже подобри резултати од реалните.
Според опозициската партија, пониската инфлација не значи автоматски и пониски цени, туку само дека тие повеќе не растат со истото темпо. Оттаму додаваат дека намалената куповна моќ и повисоките трошоци за основните производи остануваат реален проблем за домаќинствата.
СДСМ оценува дека сличен начин на споредување бил користен и за други показатели, односно актуелните резултати да се мерат во однос на најтешките периоди од светската економска и енергетска криза.
„Инфлацијата можеби е 2,3 проценти, но сметките на граѓаните сè уште се многу повисоки“, наведуваат од СДСМ.
