Обвинувања од СДСМ
Од СДСМ реагираа по интервјуто на Игор Ивановски, познат како „Шема“, наведувајќи дека во 30-минутниот настап на национална телевизија ниту еднаш не го споменал премиерот Христијан Мицкоски.
Според партијата, Ивановски не го критикува Мицкоски затоа што, како што велат од СДСМ, „не може да ја напаѓа својата шема“.
Критики за внатрепартиските процеси
Од СДСМ потсетуваат дека Ивановски во минатото бил генерален секретар и потпретседател на партијата, а на парламентарните избори во 2024 година бил шеф на тимот кој ја подготвувал програмата и програмскиот конгрес.
Во реакцијата се наведува дека дел од луѓето кои сега се претставуваат како реформатори, претходно биле дел од раководството и учествувале во креирањето на програмата со која СДСМ ги загуби изборите.
Филипче како носител на обновата
СДСМ во соопштението наведува дека таканаречените реформски крила не работат за силна и реформирана партија, туку, според нив, за слабеење на опозицијата.
Од партијата истакнуваат дека претседателот Венко Филипче ја презел СДСМ во тежок период и дека неговата задача е обнова на социјалдемократијата во Македонија. Во реакцијата се додава дека СДСМ, заедно со луѓето и организациите обединети во „Фронтот за вистина и правда“, ќе продолжи со политичката борба.
