Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието наместо да се посветат на интересите на граѓаните, посветени се на блокади, деструкции за лични и партиски интереси. Во Комисијата за финансирање и буџет, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го кочат законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија. Овој закон предвидува отпис на каматите од страна на доверителите, како и репрограмирање на долговите и трошоците на јавните претпријатија. ВМРО-ДПМНЕ го кочи и Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во време на ковид-19. Со овие законски измени на институциите од јавните дејности им се наредува да ги простат и избришат долговите на сите граѓани, по основ на камати во висина од 100%. Во Комисијата за труд и социјална политика, деструктивното ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените на законот со кои недела станува неработен ден за 92 отсто од работниците.
ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата за образование и наука ги кочи и измените кои треба да обезбедат трајно вработување на 4.700 наставници. Со овој Закон се предвидува и зголемување на платите, како и исплата на додатоци. ВМРО-ДПМНЕ се противи и на измените на Законот за служба во Армијата со кои војниците ќе имаат право на избор, ќе имаат можност да добијат и 20.000 евра отпремнина по навршување на 45 години, како и дополнителни можности при пензионирање. ВМРО-ДПМНЕ е насочена директно против интересите на граѓаните и интересите на државата како ниту една друга опозиција во светот. Таквото деструктивно однесување граѓаните го ценат и соодветно ќе го казнат и на овие избори“, додаде СДСМ.