Венко Филипче и СДСМ може да молчат и да го потценуваат народот, но ЈО не смее да молчи за очигледните сомнежи за криминал и милионските суми кои завршиле во бугарски фирми на Зоран Заев и на Венко Филипче, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Помина веќе една недела како ги покренавме прашањата за бугарската фирма Пауер Ај 8, која е 100% сопственост на Венко Филипче и е на иста адреса со фирмите на Заеви, за 3 пати поскапата препродажба на јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, за најскапиот договор за јаглен што го склучил ЕСМ, а е по цена од 82,5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, со компанијата Зобек мининг груп. Филипче не дава одговор ниту за Аудито Q8 кое е подарок, а го возеше и во предизборната кампања и е од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ. Од Венко Филипче и од СДСМ и понатаму молк. Дали Филипче и СДСМ немаат став или молкот е нивна стратегија со цел да се заборават скандалите, тоа е нивна одлука“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, молкот на Филипче и на СДСМ е потврда на сите поставени прашања, се додава во соопштението.

„Колку и тие да молчат, силно одекнаа скандалите на фирмите и шемите кои ги креирале со кланот Заеви и испумпале милионски суми врз грбот на народот, кој плаќал повисоки сметки за струја. Венко Филипче и СДСМ со години ја експлоатираат државата и јавните интереси на граѓаните за свои лични цели и тесно партиски интереси. Додека Филипче се обидува да ги прокламира социјалдемократските вредности кај членството на СДСМ, граѓаните имаа можност да ги видат шемите за милионски профити на бугарски фирми и адреси кои ги креирале заедно со кланот Заеви. За бизнисите во Македонија, Бугарија, соседството, Персискиот Залив и во Дубаи“, се додава во соопштението.

Јавното обвинителство, се додава, да не молчи и да покрене постапка за сите изнесени сомнежи во јавноста.

„Филипче и СДСМможе да молчат и да го потценуваат народот, но ЈО не смее да молчи и да затвора очи при очигледните сомнежи за милионски криминал. Граѓаните ја знаат вистината“, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.