Овие долги редици се во холот на шалтерот за издавање на уверение за државјанство со новото име на државата. Во оваа гужва претежно има студенти на кои им треба државјанство за да се запишат на факултет. Граѓаните не сакаа да зборуваат пред камера, но сепак изјавија дека за државјанство чекале и до три часа, пренесува TV21.mk.
„Многу лошо, влегуваат и без ред, ништо не беше во ред, чекавме два часа на нозе, многу лошо. Ми треба државјанство за да се запишам на факултет и ми беше неопходно.“
„Чекаме три часа, многу сме уморни, тука сме од 10:30 и едвај завршивме сега.“
Друг проблем е закажувањето термин за лични документи. Тоа е затоа што сите граѓани мора да ги сменат личните документи до 13 февруари 2024 година, поради промената на името на државата. По овој датум, сегашните документи, со името Република Македонија – нема да важат, без разлика дали сè уште имаат рок. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека нема да има казни за граѓаните дури и да не успеат навреме да ги сменат документите.