Почна да се гради водоводот до манастирот Трескавец без кој не може да бидат ставени во употреба обновените конаци. Проектот опфаќа каптажа, цевковод, главен и помошни дренажни канали за собирање на водата и резервоар. Сега се работи на ископи на потисниот цевковод и на каптажата. Ќе има изведба на дренажен канал од изворот Овоштарник.

-Со тој дренажен канал од 120-тина метри би се донесла водата до каптажата и со потисен цевковод водата ќе се однесе до резервоарот. Ќе има и споредни дренажни канали што би ја прифатиле водата што се цеди, вели Николина Рувческа, градежен инженер, надзор од ЈП за просторно и урбанистичко планирање при општина Прилеп.

Дарежливоста на изворите не е голема. Нема официјални мерења, користени се дел што ги има направено отец Калист и дарежливоста изнесува околу 0,4 литри, а според постарите мерења е 0,8 литри вода во секунда. Во проектната документација е земен податокот дека дарежливоста е 0,5 литри вода во секунда. Еден дел од местото е водорично и со дренажата ќе се прифатат и тие води и се смета дека во влажен период би имале и 1 литар во секунда.

-Резервоарот ќе биде со две комори – за санитарна вода што ќе се хлорира за потребите на Манастирот и „пожарна“ вода и ќе биде резерва и нема да се троши за санитарни потреби, туку во случај на пожар. Во резервоарот ќе бидат 43 кубни литри санитарна и 43 кубни литри вода за евентуална интервенција при пожари. Предвидено е и хлорирање, пречистување на водата, објаснува Рувческа.

За ова, Владата преку Тав Македонија има обезбедено околу 100 000 евра, а кофинансираат и прилепските градски власти. Главно за електриката и во хлорирањето на водата.

Прилепскиот Завод и музеј има стручен тим и надзор кој учествува активно во изведбените работи. Моментално, стручниот тим од Музејот нема најдено предмети или артехакти кои може да го загрозат текот на изградбата на водоводот до манастирот.

-Стручниот тим ја разгледа целата траса. Задоволни сме како се одвиваат работите досега. Нема пронајдено археолошки предмети кои би ја одложиле изградбата на водоводот, потврдува Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј-Прилеп.

Паралелно со изградбата на водоводот се изготвува и проект за заштита, конзервација и реставрација на манастирската црква „Успение на пресвета Богородица“ за која експертите рекоа дека најголемиот проблем за бесценетите фрески е влагата. Проектот треба да биде готов до крајот на годинава.

-Ангажиран е тим од домашни и странски експерти. Мислам дека ќе најдеме соодветно решение и крајно време е да се направи исчекор за заштита на Црквата од сите временски влијанија и непогоди. За да можеме, прво, да ја запреме влагата, а потоа да ја санираме и реконструираме Црквата, вели Цветкоски.

Конаците на манастирот Трескавец беа уништени во големиот пожар пред 10 години, на 4 февруари 2013 година. За нивната обнова државата одвои околу два милиона евра, но не може да се направи технички прием и да бидат пуштени во употреба додека не се изградат водоводот и мини пречистителната станица. Трескавец е светски познато културно наследство.