Организацискиот одбор на Скопје Прајд соопшти дека овогодишната „Парада на гордоста“ ќе се одржи на 20 јуни 2026 година во Скопје, под слоганот „Сите нека знаат“.
Според организаторите, месецот на гордоста годинава се одвива во услови на политичка и општествена несигурност, обележана со глобални конфликти, климатска криза, инфлација, насилство и нефункционални институции.
Од Одборот велат дека ЛГБТИК+ заедницата во земјава се соочува со засилен говор на омраза, уназадување на веќе стекнати права и политики што различноста ја претставуваат како закана.
– Скопје Прајд останува потребен затоа што условите што ја создадоа потребата за јавно и гласно присуство сè уште постојат – велат организаторите.
Тие посочуваат дека слоганот „Сите нека знаат“ е порака против замолчувањето и бришењето на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.
Собирот ќе почне во 18 часот кај Фонтаната во Градски парк, а маршот ќе стартува во 19 часот. Поворката ќе се движи по булеварот Илинден, улицата Рузвелтова, булеварите Партизански одреди и ВМРО, како и по улицата Димитрије Чуповски, со завршница во Жена парк – Борец.
Организаторите велат дека проширената рута е порака дека јавниот простор им припаѓа подеднакво на сите граѓани.
Во однос на безбедноста, од Одборот информираат дека и оваа година се во координација со МВР и полицијата, со цел настанот да помине во најдобар ред.
