Се обидел да згази полицаец, па заврши во затвор

Основното јавно обвинителство во Кавадарци поднесе обвинителен предлог против 46-годишен маж за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ од член 382 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството воедно предложи обвинетиот во текот на постапката да биде обезбеден со мерка притвор.

Не застанал на полициски знак

Инцидентот се случил на 21 декември по полноќ, кога обвинетиот, управувајќи патничко возило „Фолксваген“, не застанал на даден знак од полициски службеници. Откако бил опколен од две полициски возила на една од крстосниците во градот, со автомобилот се обидел да прегази полициски службеник.

Удар со возило и повреден полицаец

Полицаецот излегол од службениот автомобил со цел да го легитимира, но во тој момент обвинетиот се залетал кон него со голема брзина и го удрил во пределот на стомакот и левата нога. Потоа удрил и во полициското возило, по што продолжил да вози. Полицаецот се здобил со неколку телесни повреди.

Признание и затворска казна

Обвинетиот бил лишен од слобода на 25 декември, а веќе следниот ден бил изведен пред суд, каде го признал делото. Судот во Кавадарци го огласи за виновен и му изрече казна затвор од една година, а до правосилноста на пресудата одлучи тој да остане во притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.