Министерката за образование и наука, Мила Царовска на својот Фејсбук профил одговори на најчестите прашања поставени од страна на информатичарите, а се поврзани со дигитализацијата на образованието.

– Од вчера актуелни се некои прашања кои се споделуваат на социјални мрежи и на дел од порталите, а се поврзани со техничките капацитети на децата и училиштата за дигиталазација на учебниците. Еве ги одговорите на истите, бидејќи секогаш одговараме и ги разрешуваме дилемите во однос на сите аспекти на реформата, пишува Царовска.

Дали на клупите има приклучок за струја за секое дете? Се сомневам дека и само ова сме способни да го реализираме до септември.

На клупите нема потреба да има приклучок за струја, наставата воопшто не е замислена да се одвива на компјутери или таблети. Се дигитализираат учебниците, не целосно наставата. Во училница најважна е интеракцијата помеѓу наставникот и учениците, а наставата ќе се одвива на тој начин како и досега. ИТ технологијата ќе биде само дополнително помагало во ситуации кога наставните теми го наложуваат тоа. Дигиталните учебници се помагала за учениците кои ќе ги користат за потсетување и пребарување на материјалот, а самите наставни програми ќе се учат и совладуваат на училиште каде учениците ќе поминуваат подолго, но поквалитетно време.

На 2-3 одделенија ќе треба барем по еден информатичар, техничко лице за поддршка. Наставниот кадар е далеку од способен да врши ваква поддршка.

Училиштата кои ќе обезбедат уреди согласно планот за обезбедување на ИТ уреди за одредени категории на деца и семејства кои не може да си дозволат пристап до опрема, ќе бидат должни исто така да обезбедат ИТ поддршка за истите. Најголем дел од ученците и децата веќе имаат уреди. За нас е важно да се обезбеди ИТ поддршка за оние семејства кои ќе добијат уреди од училиштата и тоа е веќе во планот.

Знаете дека компјутерскта опрема застарува за 3-4 години, нели? Ќе трошат по 20-30,000 денари секои 2 години за нови лаптопи.

Дигитализацијата подразбира и одржување на ИТ опрема и обезбедување нова кога е потребно, и тоа е планот за сите оние семејства кои не можат тоа да си го дозволат. Реформата подразбира целосна поддршка во овој процес на семејствата и учениците.

Покрај хардверот, знаете ли колку чинат лиценците за офис алатки, антивирусен софтвер и сѐ друго што треба?

За дигитализација и пристап до дигитални учебници не се потребни дополнителни софтверски лиценци, тие ќе бидат бесплатни за сите.

Знаете ли колкав % од учениците кои сега следат online настава пристапуваат од мобилен телефон со МАЛ ЕКРАН КОЈ НЕ Е УПОТРЕБЛИВ ЗА УЧЕЊЕ? Сигурно над 50%. Проверете!

Пристапот до дигиталните учебници и форматите на истите ќе бидат прилагодени за сите уреди, вклучително и мобилни телефони. Сепак, уредите кои ќе се обезбедуваат од страна на МОН ќе бидат со доволно голем екран за непречено и лесно користење на материјалот.

Дали знаете дека со ковид-кризата и омасовувањето на онлајн работењето од дома лаптопите се дефицитарни, цените се покачени, испораките доцнат? Јас знам бидејќи набавувам за стотици луѓе кои имаат потреба да работат од дома.

Ова е тема за која е разговарано на повеќе владини седници, а консултирани се и големи светски компании од областа на производство и дистрибуција на ИТ технологија, согласно чии ставови, предизвикот не е ненадминлив. Дополнително, олеснителна околност е етапното воведување на промените, така што од септември потреба од електронски уреди за користење на електронски учебници ќе имаат само учениците од 4то одделение, односно 20.000 ученици од кои најголем дел веќе располагаат со уреди. Ова значи дека нема да имаме голема побарувачка на компјутери како што тоа беше случај минатата година. Дополнително, ќе повторам дека за социјлано ранливите граѓани овој трошок ќе го преземе МОН.

Дали знаете дека компјутер без пристап до Интернет не вреди? Посебно за едукативни цели?

За користење на електронски учебници не е потребен интернет. Учебникот се симнува на уредот само еднаш и останува додека корисникот не го отстрани. Мултимедијалните содржини кои ќе бидат составен дел од дигиталните учебници ќе бидат достапни и кога уредот не е поврзан на интернет. Интернет ќе биде потребен кога темата од одреден предмет наложува истражување, разгледување на друга мултимедијална содржина и слично, и уверена сум дека сите ќе добијат можност да го користат интернетот за такви прилики, или на часот или во домот.

Тука може да ја погледнете објавата на Мила Царовска

Од вчера актуелни се некои прашања кои се споделуваат на социјални мрежи и на дел од порталите, а се поврзани со…

Posted by Мила Царовска on Wednesday, April 28, 2021