Јордан Камчев постојано има сериозна, силна главоболка, но во КПУ Затвор Скопје нема дежурен доктор за да го прегледа притвореникот. Се праќа медицинска сестра за проверка на состојбата.
– Првично, денес во текот на утрото г-динот Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот ,,медицински тим,, констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14.30 тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ Затвор Скопје, констатиран е повторно споен притисок, 90 со 70. Предложено му е да биде однесен на Клиниката за кардиологија, но тој одбил бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во која што се наоѓа бидејќи и таму секако не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот „медицински тим“ оваа негова состојба во КПУ Затвор Скопје ја третираат со сол и газирана вода, соопштува правниот тим на Јордан Камчев.
Тие велат дека сериозноста на здравствената состојба во која што моментално се наоѓа и несоодветното третирање на истата претставува ризик директно по животот на Камчев.
– Од правен, но и етички и морален аспект, и нашиот клиент, г-динот Камчев и ние како правна одбрана во целост поддржуваме активности со кои би се докажала правдата, но апелираме на сериозна разумност кај Обвинителството и судиите и нивна рационалност при донесувањето на одлуките. Сметаме дека целта на мерката ефективен притвор која се применува не е директно да се загрозува здравјето и животот на еден човек, вели правниот тим.