Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, беше повредена во сообраќајна несреќа во тунелот Кастелец на автопатот Копер-Љубљана.
Се здоби со полесни повреди, а по добивањето на лекарска помош во Општата болница во Изола, претседателката се чувствува добро.
Несреќата се случила во 16:57 часот во тунелот Кастелец, на автопатот Приморје во правец кон Љубљана.
Во судирот учествувале две полициски возила кои ја придружувале претседателката, која во тој момент се враќала од одмор во Хрватска и патувала кон Коменда, каде што требало да присуствува на хуманитарниот спортски настан „Поги Челинџ“.
Во несреќата се повредени две лица. Претседателката на Словенија се здобила со полесни повреди, додека друго лице во возилото е тешко повредено.
Полицијата сè уште ги утврдува околностите и причината за сообраќајната несреќа, а за случајот е известено и Специјализираното јавно обвинителство на Република Словенија.
Претседателката, преку својот кабинет, им се заблагодари на сите служби за итни случаи и на персоналот на Општата болница во Изола за нивната брза и несебична помош.
Тунелот Кастелец бил затворен за сообраќај до 20:19 часот, за да може да се спроведе истрага.
